Напаѓачот на Арсенал, Оливие Жиру, јунакот на победата над Црвена звезда во Белград, изјавил дека имал среќа во 85. минута кога со ножички го постигна единствениот гол на натпреварот.
Жиру ја реализира акцијата што ја креираа Џек Вилшир и Тио Волкот и на тој начин го казни домашниот тим за сите нереализирани шанси во текот на натпреварот.
Францускиот репрезентативец сличен гол постигна на почетокот на годината против Кристал Палас во Премиер лигата.
„Во таа позиција можев да ја контролирам топката, сакав да проиграм некој од соиграчите, а откако не забележав никого, решив да се обидам на сличен начин како што тоа го направив против Кристал Палас во јануари. Имав среќа бидејќи погодив таму каде што голманот не можеше да одбрани“, изјавил Жиру за официјалната интернет-страница на УЕФА.
Жиру е задоволен од победата која е извојувана пред 50 илјади навивачи на Црвена звезда.
„Веруваме дека ќе победиме, бевме трпеливи и не отстапивме од нашиот стил на игра. Беше тешко да се игра во неверојатната атмосфера. Навивачите на Звезда цело време ги бодреа своите фудбалери. Поради тоа уште е поголемо задоволството од победата“, дополнил напаѓачот на Арсенал.
По три кола, во Х групата, Арсенал има максимални девет бодови, Црвена звезда и БАТЕ Борисов имаат по четири, а Келн е последен, без освоен бод.