Годината 2020 нема да биде запаметена по добро по пандемијата на корона вирусот, австралиските пожари и другите катастрофи, а тениската ѕвезда Роџер Федерер се обиде да помогне колку што може.
„Маестрото“ донирал над 5 милиони долари во првите пет месеци од годината, почнувајќи во јануари со „Рели фор рилиф“ тениските мечеви и донациите за настраданите од пожарите во Австралија, кога тој и Надал донираа по 170.000 долари.
„Во Швајцарија имаме среќа што немаме ваква екстремна клима, така што сум среќен што можам да помогнам, со пари и со време“, изјави тогаш Федерер.
Потоа тој организираше добротворен меч во Кејптаун, Јужна Африка, кога со Бил Гејтс, Надал и Тревор Ноа играа тенис пред 50.000 гледачи и собраа 3 милиони долари за сиромашните африкански деца.
Тука не заврши давањето. Тој заедно со сопругата Мирка донираа милион долари за помош на семејствата погодени од корона вирусот во Швајцарија. На крај, овој месец тој ја помина границата од 5 милиони долари, кога донираше уште еден милион долари за африканските деца преку неговата фондација.