Напаѓачот на Унион Берлин, Себастијан Полтер нема да биде дел од преостанатите шест меча на тимот во Бундеслигата пред крајот на неговиот договор поради непочитување на „основните вредности на клубот“.
Во неверојатна објава од претседателот на клубот, Дирк Цинглер, се вели дека 29-годишниот Полтер, поранешниот младински репрезентативец н Германија, е единствен член на клубот меѓу играчите и тренерите кој „не помага на соиграчите и на нашиот клуб“.
Уште не е јасно што точно направил Полтер, но германските медиуми тврдат дека неговиот „прекршок“ е што се побунил за одлуката на клубот во март фудбалерите да се откажат од платите додека трае пандемијата на корона вирусот.
„Една од основните вредности на Унион Берлин е тоа што ние сме блиска заедница која стои еден зад друг и зад клубот. Себастијан е единствениот фудбалер од првиот тим, од тренерскиот тим или од придружните работници кој за жал не го прави тоа. Тоа е неразбирливо и крајно разочарувачки. За да го заштитиме клубот и ситуацијата да не се закани на целите на теренот решивме тој да не биде дел од првиот тим“, вели Цинглер.
Полтер беше еден од клучните фудбалери на Унион по трансферот од Квинс парк ренџерс во 2017, постигнувајќи 24 гола во две и пол сезони во втората Бундеслига за да ги однесе во елитата. Оваа сезона, тој има два гола, а Унион се на 13. место во Бундеслигата и се обидуваат да осигураат опстанок.