Шалке ја продолжи лошата низа на резултати и уште чека на првата победа од јануари, но тимот на Давид Вагнер барем го постигна првиот гол по рестартот на Бундеслигата при 1:1 ремито со уште еден тим кој е во слаба форма, Унион Берлин.
Пред неделниот меч, Шалке имаа четири порази во четири меча без да постигнат гол, останувајќи во средината на табелата по добриот старт на сезоната.
Работите не тргнаа најдобро за Шалке ниту во Берлин, откако Унион уште во 11. минута по еден брз контранапад стигна до 1:0 водство преку Роберт Андрич, но „спасител“ овојпат беше Англичанецот Џонџо Кени, кој во 28. минута постигна фантастичен гол од далеку за израмнување.
Шалке остануваат на 10. место на табелата со 38 поени, седум зад местата кои водат во европските натпреварувања, додека Унион се 13. со 32 поени.