Илкај Гундоган признава дека Манчестер сити биле „оставени далеку зад Ливерпул“ оваа сезона бидејќи не биле на доволно високо ниво како претходните години под Пеп Гвардиола.
Гвардиола ги предводеше „граѓаните“ до трета премиерлигашка титула во 2017/18 покажувајќи апсолутна доминација со 100 поени. Тие следната сезона во тесна трка успеаја да ги победат Ливерпул за еден поен и се очекуваше повторно да се фаворити во 2019/20, но Ливерпул пред рестартот на Премиер лигата е на две победи до титулата.
„Оваа сезона во Премиер лигата не оставија многу далеку. Не можевме да постигнеме ефект како претходнтие две години. Без разлика на тоа дали игравме добро или убаво, имаше поени кои не смеевме да ги загубиме. Ливерпул дојде до тоа ниво без да губи поени“, вели Гундоган.
29-годишниот Гундоган е стандарден првотимец под Гвардиола откако пристигна од Борусија Дортмунд во 2016 година, каде што пак имаше привилегија да игра под Јирген Клоп.
„Јирген Клоп и Пеп Гвардиола се двајцата најдобри учители на светот. Бев четири години со Клоп и уште го сакам. Тој креира неверојатен тимски дух и ги мотивира своите фудбалери. Пеп, пак, е на највисоко ниво со тактиката и учител кој сака да ги знае сите детали на играта. Со различни стилови, но со фантастични успеси“, додава Гундоган.