Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Серезо, смета дека неговиот тим треба да биде прогласен за шампион на Европа доколку по некој случај не продолжат натпреварите во Лигата на сезоната.
„Останаа да се одиграат уште неколку реванши од осмина-финалето, па потоа четврт-финалето, полу-финалето и финалето. Се шпекулира дека завршницата би била преместена во некој град каде би се одиграле сите натпревари. Засега ова се само шпекулации, уште ништо не се знае. Доколку Лигата на шампионите биде прекината мислам дека шампион треба да биде тимот што го елиминира бранителот на титулата“, рекол Серезо.
Сезонава титулата во Лигата на шампионите ја бранеа фудбалерите на Ливерпул. „Црвените“ во осмина-финалето беа елиминирани токму од Атлетико Мадрид.
На „Ванда Метрополитано“ Атлетико победи со 1:0, а на „Енфилд“ по 90 минути беше 1:0 за Ливерпул. Во продолженијата бранителот на трофејот имаше предност од 2:0, но до крајот на натпреварот прими три гола и испадна.
Пред да биде прекината сезоната поради коронавирусот покрај Атлетико пласман во четврт-финалето обезбедија ПСЖ, Лајпциг и Аталната. Осмина-финалните реванши треба да ги одиграат Барселона и Наполи (1:1), Јувентус и Лион (0:1), Манчестер сити и Реал Мадрид (2:1), односно Баерн Минхен и Челси (3:0).