Директорот на Пари Сен-Жермен, Леонардо вели дека навивачите не треба да очекуваат никакви „трансфери од 100 милиони евра“ ова лето, бидејќи кризата со корона вирусот го чинела клубот околу 200 милиони евра.
Многумина сметаат дека куповната моќ на гигантите од Лига 1 е бесконечна, но одлуката да се прекрати сезоната во Франција била „штетна“ за клубот.
„Тоа што се случи ја допре целата планета, така што ќе биде почувствувано и на пазарот на играчи. Кризата влијаеше на финансиите на клубот, како и секаде. Луѓето велат дека загубивме 200 милиони? Да, тука некаде. Не верувам дека ќе има некои трансфери од 100 милиони евра ова лето бидејќи никој не може да си приушти такви суми. Ние во ПСЖ имаме значителни загуби“, вели Леонардо во интервју за „Ле журнал ди диманш“.
Со ова, ПСЖ самите се исклучуваат од можни трансфери за Сергеј Милинковиќ-Савиќ од Лацио и Калиду Кулибали од Наполи, бидејќи клубовите очекуваат барем 100 милиони евра. Неодамна се тврдеше дека понудата од 60 милиони евра за Милинковиќ-Савиќ е одбиена.