Откако беа неубедливи во првиот меч по рестартот на Ла лига против Атлетик Билбао (1:1), Атлетико Мадрид и нивната португалска ѕвезда Жоао Феликс „експлодираа“ на гостувањето кај Осасуна, стигнувајќи до рутинска 5:0 победа во ловот на место во Европа.
Жоао Феликс го отвори резултатот со „ракетата“ во 27. минута од натпреварот на „Ел Садар“ во Памплона, а во второто полувреме во 56. минута по асистенција на Диего Коста зголеми на 2:0. Во финишот на натпреварот, во 79. минута Маркос Љоренте, во 84. минута Алваро Мората и во 88. минута Јаник Караско ставија печат на натпреварот.
Со триумфот, Атлетико се искачува на четвртото место на табелата со 49 поени, два поени пред Реал Сосиедад (утре играат со Алавес) и Хетафе во тесна борба за место во Лигата на шампионите. Пред нив се Севилја со 51 поен. Осасуна се на 12. место со 35 поени.