Жерард Пике вели дека воопшто не жали за своите коментари со кои ги потцени своите градски ривали Еспањол, откако ги елиминираа од Кралскиот куп минатата недела, зголемувајќи ја „температурата“ пред нова посета на Корнела во недела во лигата.
Барселона го победи Еспањол со 2:0 на „Ноу камп“ во четвртокот за да ја надмине разликата од 0:1 од првиот меч по што Пике постојано го именуваше клубот како „Еспањол де Корнела“, поради тоа што новиот стадион на Еспањол, „РДЦЕ“ се наоѓа во предградието Корнела на дваесетина километри од градот.
Ова беше сфатено сериозно од клубот и Еспањол формално се пожали до Шпанската фудбалска федерација (РФЕЦ) поради „ширење на ксенофобија“. Пике, кој го продолжи договорот со Барса до 2022, вели дека воопшто не жали за тоа.
„Не жалам за коментарите, но денеска не е време да зборувам. Во недела ќе играме таму, така што ако дојдете ќе ви ги дадам сите наслови кои ги посакувате. Не го кажувам ова да вознемирам некого, туку само кажувам факт. Еспањол играат во Корнела“, изјави Пике.
Ривалството меѓу двата клуба од Барселона трае од формирањето на Еспањол вo 1900 година, една година по формирањето на Барселона. Долго време, Барселона беше сметан како „каталонски“ клуб, додека Еспањол како „режимски“ клуб на лојалните кон власта во Мадрид, а клубот е еден од тие кои имаат чест да бидат „кралски“, почест која Барселона никогаш не ја побарала од шпанскиот крал.