Јувентус стигна до многу важна победа за кревањето на моралот во тимот, откако со 2:0 триумфираше на „Ренато Дал’Ара“ над Болоња во меч во кој првото полувреме го реши победникот.
Тензиите се зголемија во Торино, посебно за тренерот Маурицио Сари, по двата меча без голови во Копа Италија и поразот во финалето од Наполи на пенали, и совршена шанса добија во 23. минута кога Денсвил го повлече за дрес Матијс де Лихт по еден корнер и беше досуден пенал. За разлика од мечот со Милан во полуфиналето од Копа Италија, Кристијано Роналдо овојпат не згреши и ја смести топката во мрежата.
За вториот гол на Јуве немаше никакви контроверзи, откако Федерико Бернардески со петица му додаде на Дибала, кој постигна апсолутно фантастичен гол кој не беше достижен за Лукаш Скорупски. Јуве мечот го заврши со играч помалку откако Данило доби два жолти картони во последните 10 минути.
Со победата, Јуве го зголеми водството на првото место во Серија А со 66 поени, четири пред Лацио, кои во среда ги чека тешко гостување кај Аталанта. Болоња е на 10. место со 34 поени.