Италијанските и шпанските медиуми тврдат дека Јувентус и Барселона се согласиле за размена на Миралем Пјаниќ и 10 милиони евра за Артур Мело, но останува уште да се убеди Бразилецот да го напушти „Ноу Камп“.
Ова го најави и спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи во интервју со „Скај спорт Италија“.
„Не се работи за 30 јуни, порано или подоцна, туку за наоѓање на договор меѓу двата тима и двата фудбалери. Затоа, не е важен датумот“, вели Паратичи.
Британскиот „Скај спорт“ пак, тврди дека Јувентус ја прифатил проценката за 80 милиони евра за Артур, нудејќи му на 23-годишниот Бразилец и повисока плата (околу 5 милиони евра годишно). Главен проблем е Артур, кој од почетокот на преговорите тврдеше дека нема намера да замине од Каталонија, каде што пристигна за 31 милион евра од Гремио летото 2018. Тој има 26 настапи оваа сезона и 4 гола.