МЗТ Скопје го чека испаѓање од АБА лигата, откако во клучниот меч против Мега Бемакс во Сремска Митровица доживеа вистинска катастрофа, губејќи со 106:77 од претпоследниот тим на табелата.
Лошиот пораз беше најавен уште во првата четвртина, која домашниот тим ја доби со 30:16, а до полувремето предноста беше неверојатни 25 поени – 60:35.
По ова исходот на мечот беше јасен, и иако „металците“ дадоа поголем отпор во третата четвртина, крајната разлика не донесе ништо за радост во редовите на македонскиот шампион.
Словенецот Влатко Чанчар беше најефикасниот за домаќините со 22 поени (од кои 4 тројки), 16 имаше Огњен Јарамаз, колку што уфрли и поранешниот играч на МЗТ, Стефан Синовец. Кај македонскиот шампион, Јуре Лалиќ имаше 14 поени, а Доминик Мавра 13.
МЗТ останува „закован“ на дното на регионалното натпреварување со 3 победи и 15 порази, додека Мега сега има скор од 6-12.