Top Sport

Свонси со „лекција“ за Арсенал (видео)

Карлос Карваљал го продолжи „препородот“ на Свонси, откако една недела откако го шокираше Ливерпул, велшкиот тим направи пресврт за 3:1 победа над Арсенал и излезе од зоната за испаѓање во Премиер лигата.

Начо Монреал донесе предност за тимот на Арсен Венгер по 33 минути игра, но веќе во следниот напад, Свонси врати со голот на Сем Клакас. Во 60-тата минута за Арсенал во игра влезе новото засилување Хенрик Мхитарјан, но тогаш почнаа маките на „топчиите“.

Џордан Еју во 66. минута ги доведе „лебедите“ во водство, за во 86. минута, Клакас со втор гол да ја потврди победата и трите поени.

Во финишот на мечот, најверојатно својот последен настап за Арсенал го имаше Оливие Жиру, кој ако се верува на извештаите од Британија, веќе утре ќе потпише со тимот на Челси.

Ливерпул немаше вакви проблеми и стигна до убедлива 0:3 победа на гостувањето кај Хадерсфилд, иако Јирген Клоп на клупата го остави скапото засилување, Виргил ван Дајк.

Емре Џан во 26. минута со одличен гол донесе водство за „Црвените“, за во финишот на полувремето, Роберто Фирмино да ја удвои предноста откако најдобро се снајде во шестнаесетникот на противникот. Сите надежи за кам-бек на Хадерсфилд, за кои ова е четврти пораз во низа во ПЛ, завршија откако Мо Салах беше прецизен од белата точка во 77. минута.

Вест Хем и Кристал Палас си поделија по еден поен на „Лондон стадионот“ во вториот меч кој почна во 20.45 часот. Кристијан Бентеке ги донесе гостите во водство во 24. минута, за Вест Хем да израмни од пенал преку Нобл во 43. минута.

Scroll to Top