Фудбалерите на Барселона кикснаа на последните две гостувања во Ла лига, така останаа без 4 планирани бода во трката со Реал Мадрид по новата титула.
Екс-фудбалерот на каталонскиот клуб, Андрес Иниеста во интервју за „Кориере дело Спорт“ вели дека клубот од „Ноу Камп“ секогаш мора да има свој идентитет.
„Барселона може да губи мечеви, но тие сепак секогаш мораат да имаат свој идентитет. За да сте успешни во фудбалот, многу работи треба да се поклопат. Имавме тренер како што е Пеп Гвардиола и генерација на играчи кои израснаа заедно, играјќи во еден ист стил. Талентот беше неверојатен“ – вели Иниеста.
Иднината на Гвардиола во Сити не е сигурна, па многумина во Каталонија сметаат дека тој многу лесно може да се врати на клупата на Барса. И Иниеста би сакал такво нешто.
„Секое сценарио е различно, но тимот се идентификува онака како што нивниот тренер сака да играат. Гвардиола и да работи во Индија, би работел со истата идеја како неговиот тим треба да игра“ – смета фудбалерот.