Четирикратниот светски шампион, Себастијан Фетел признава дека бил изненаден кога шефот на Ферари, Матија Биното во телефонски разговор му кажал дека тој нема да биде возач на тимот во 2021 година.
Зборувајќи за првпат по одлуката да замине од Ферари на крајот на сезоната пред стартот на сезоната во Австрија овој викенд, Фетел ги објасни деталите за „раскинот“ со италијанскиот тим. Тој открива дека немал никакви преговори за нов договор и дека ништо не му било понудено.
„За мене беше изненадување кога ми се јави Матија и кога ми кажа дека тимот нема намера да продолжиме заедно. Не стигнавме да преговараме, немаше понуда за мене и немаше некој проблем“, вели Фетел.
Тој додава дека е подготвен да замине од Формула 1 и објасни дека уште не разговарал со други тимови.
„Во моментов не преговарам. Се надевам дека ќе ја направам вистинската одлука за мене и за мојата иднина. Јас имам многу натпреварувачки карактер, успеав во многу работи во Ф1 и мотивиран сум за нови успеси. Но, за тоа ми е потребен вистински пакет и вистински луѓе околу мене и во моментов го барам тоа. Ако има вистинска шанса, тогаш одговорот е јасен. Ако нема, тогаш најверојатно ќе морам да барам нешто ново“, додава Фетел.