Екипата на Вилјареал, популарната „жолта подморница“ ги собра трите бода од гостувањето кај Хетафе во рамки на 35 коло во Ла Лига. Мечот им припадна на гостите со резултат 1-3.
По првото полувреме без многу возбудувања, Санти Казорла од пенал во 63 минута донесе гостинска предност.
Хетафе се врати во мечот, во 80 минута на 1-1 израмни Дуро, а со вториот пенал, „подморницата“ во 85 минута стигна до 1-2. Стрелец на најстрогата казна беше повторно Казорла.
Кога сите го очекуваа последниот свиреж на судијата, Пена, во 93 минута стрелеше прецизно за конечни 1-3.
Со оваа победа, Вилјареал стигна до 57 бода и е закана за четвртото место на Севилја кое води во ЛШ. Андалузијците имаат 60 бода и меч помалку.
Екипата на Бетис, пак, уште во првиот дел ја заврши работата, кога станува збор за головите.
Родригез во четвртата и Алфонсо Педраса во 25 минута стрелаа прецизно за 2-0. Третиот беше постигнат длабоко во судиското продолжување, во 98 минута. Конечните 3-0 беа дело на Алена.
Бетис со трите бода стигна до 13-тата позиција, а Осасуна е моментно две позиции пред нив.