Фудбалерите на Барнли ставија крај на импресивната серија која Ливерпул ја имаа во натпреварите од Премиерлигата на домашен терен. Барнли попладнево на „Енфилд“ одиграа 1:1 против новите шампиони на Англија.
До натпреварот со Барнли на менаџерот Шон Дајч Ливерпул имаа 17 победи во исто толку натпревари сезонава на „Енфилд“. Доколку се смета и финишот на минатата сезона таа серија изнесуваше 24 натпревари.
Храбриот пристап, среќата, одличниот голман Ник Поуп и индиспонираниот Мохамед Салах им овозможија на фудбалерите на барнли непоразени да заминат од Ливерпул.
Поуп бранеше брилијантно во првиот дел, откако имаше три одбрани капитулираше во 36 минута кога Енди Робертсон постигна убав гол со глава.
Во вториот дел Поуп продолжи со одличното издание, а и среќата беше негов сојузник, фудбалерите на Ливерпул два пати го погодија дирекот.
Израмнувањето го донесе поранешниот играч на Саутемптон и Ливерпул Џеј Родригез во 69 минута.
Во финишот на мечот двата тима имаа по една шанса за да го освојат целиот плен.
Гудминсон во 88 минута ја погоди гредата, а Салах во 93 минута од чиста позиција само му ја додаде топката на Поуп.