Црногорецот Никола Вучевиќ ја обележа изминатата ноќ во НБА лигата, во која бранителот на трофејот Голден Стејт го запиша првиот триумф во сезоната.
Монструозната партијана Вучевиќ не беше доволна Орландо Меџик да победи во дуелот со Бруклин Нетс (121:126). Црногорецот постигна рекордни во кариерата 41 поен, на кои придодаде 12 скока и три асистенции.
Бруклин до победата го предводеа Деанџело расел и Демар Керол кои постигнаа по 17 поени.
Голден Стејт славеше во Њу Орлеанс 128:120. Шампионот го предвдеше триото Томпсон-Кари-Дурент. Томпсон постигна 33 поени и беше најефикасен, пет поени помалку со седум асистенции имаше Кари, а Дурент забележа 23 поени, осум скока и четири блокади.
Кај Њу Орлеанс доминираше најдобрата центарска линија во лигата Дејвис-Казинс. Двајцата постигнаа по 35 поени, а Дејвис имаше 17, а Казинс 15 скокови.
Вицепрвакот Кливленд без проблеми го мина гостувањето во Милвоки. Кавалирс славеа убедливо 116:97. Блесна ветеранот Корвер кој постигна пет тројки од шест обиди и заврши со 17 поени. Двоен ефект од 17 поени и 12 скокови оствари Лав, а Леброн Џејмс со 24 поени го предводеше тимот до втората сезонска победа.
Милвоки го предводеше Јанис Адетокумбо со 34 поени и по осум скока и асистенции.
ЛА Лејкерс по поразот во градското дерби гостуваа во Феникс и победија 132:130. Третиот пик на драфтот, момчето кое се најавува како идна голема ѕвезда, Лонзо Бол, во всвојот втор натпревар во лигата оствари 29 поени, 11 скока и девет асистенции. Покрај него кај „езерџиите“ се истакна Брендон Инграм со 28 поени.
Феникс го предводеа Ерик Бледсо со 28 поени и Девин Букер со „дабл-дабл“ од 27 поени и 11 скокови.
Резултати: Филаделфија-Бостон 92:102, Индијана-Портланд 96:114, Вашингтон-Детроит 115:111, Шарлот-Атланта 109:91, Милвоки-Кливленд 97:116, Бруклин-Орландо 126:121, Минесота-Јута 100:97, Далас-Сакраменто 88:93, Њу Орлеанс-Голден Стејт 120:128, Феникс-ЛА Лејкерс 130:132.