Победничката низа на Реал Мадрид во Ла лига заглави на два натпревари, откако Џампаоло Пацини во својот прв натпревар постигна гол за Леванте да извлече 2:2 реми против европскиот шампион.
Серхио Рамос го отвори резултатот во Валенсија уште во 11. минута, откако го постигна својот 50. гол за Реал и стана првиот дефанзивец кој 14 сезони едноподруго постигнувал барем еден гол во шпанската елита.
Емануел Боатенг во финишот на првото полувреме израмни за Леванте, но тимот на Зинедин Зидан повторно дојде во предност на девет минути пред крајот на натпреварот, кога Карим Бензема му асистираше на Иско, кој упати одличен удар.
Меѓутоа, во 88. минута, Пацини, кој во вторникот дојде во Леванте на позајмица од Верона, „избегна“ офсајд-стапица за да освои поен за својот нов тим.
Реал останува на четвртото место во Ла лига со 39 поени, 18 помалку од Барселона, која има и натпревар помалку. Леванте, за кои македонскиот репрезентативец Енис Барди остана на клупата, се на 17-тото место во лигата со 20 поени по лошиот втор дел од сезоната.