Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски со Лидс Јунајтед ја освои Чемпионшип дивизијата и од наредната сезона ќе игра во најсилниот фудбалски шампионат во светот – Премиер лигата.
Алиоски (28) во штотуку завршената сезона за Лидс одигра 39 натпревари, на кои постигна пет гола.
Репрезентативецот на Македонија во интервју за швајцарски „Блик“ открил дека пред една деценија во Јанг Бојс го отпишале како фудбалер, му порачале да се откаже од фудбалот.
„Минав десет години таму, а тие ми кажаа да се откажам. Ми рекоа дека не сум доволно добар да бидам професионален фудбалер. Бев разочаран, но не се откажав. Тренирав индивидуално со мојот татко и со братот. Потоа се појави Шафхаузен, тие ми дадоа шанса“, раскажал Алиоски.
Алиоски за Јанг Бојс не одиграл ниту еден натпревар од 2011 до 2013 година, потоа три сезони играч за Шафхаузен, две за Лугано, а наредната сезона ќе му биде четврта во дресот на Лидс Јунајтед.