Англискиот дефанзивец Дени Роуз вели дека секојдневно страда од расизмот во својата татковина и не верува дека ќе се случат промени, објаснувајќи дека пречесто е сопиран од полицијата која бара докази дека има пари да го купи скапиот автомобил кој го вози.
Роуз, кој е фудбалер на Тотенхем, а сезоната 2019/20 ја помина во Њукасл како позајмен фудбалер, вели дека обидите да се направат промени се „бесцелни“.
„Мојот однос кон тоа е само да си продолжам со животот. Некој ќе добие смешна казна и животот продолжува. Но, не се работи само во фудбалот. Минатата недела бев сопрен од полиција и тоа редовно ми се случува кога ќе се вратам во Донкастер, каде што пораснав. Секогаш истите прашања: ’Автомобилот да не е украден? Од каде го најде? Дали можеш да докажеш дека си го купил?’. Тоа ми се случува од мојата 18-та година, кога го купив првиот автомобил. Последен пат кога влегов во воз, со моите торби, кондукторот веднаш ме праша: ’Знаеш дека ова е прва класа? Дај го билетот?’. Веднаш потоа влегоа двајца бели луѓе и нив не им побара билет. За мене тоа е расизам. И кога ќе зборувам, луѓето ќе кажат: ’Имаш пари, продолжи си’. Менталитетот не се менува“, вели Роуз.