Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп потпишал спонзорски договор со германскиот гигант „Адидас“ и покрај тоа што неговиот клуб само што започна мултимилионски договор со „Најк“, тврдат британските медиуми.
„Најк“ ќе ги снабдува „црвените“ со дресови во новата сезона како замена за „Њу баланс“ во договор кој генерира 70 милиони евра годишно, а според „Телеграф“, „Адидас“ сакал да ја искористи популарноста на германскиот тренер за да му даде посебен договор. Ова нема да биде преседан во Премиер лигата, бидејќи Тотенхем имаат спонзорски договор со „Најк“, но нивниот тренер Жозе Мурињо има ексклузивен договор со „Адидас“.
Покрај овој договор, Клоп неодамна беше дел од британската рекламна кампања за германското пиво „Ердингер“, а додека беше тренер во Германија честопати беше дел од рекламните кампањи за автомобили, чоколади и бисквити.