Се очекува вечерашниот реванш меч од осминафиналето во ЛШ меѓу Баерн Минхен и Челси на „Алијанц арена“ да биде само формалност, а во прилог на тоа одат две поткрепи.
Баерн речиси 100% ја заврши работата уште на првиот меч во Лондон, славеше победа со 3-0 со головите на Левандовски и два на Габри. Втората неповолност за тимот предводен од Френк Лампард е што вечерва нема да може да смета на дури 9 фудбалери – Пулишиќ, Аспиликуета, Педро, Жоржињо, Маркос Алонсо, Гилмор, Лофтус-Шик, Ван Гинкел и Мусонда.
Ако на тоа се придодаде дека ниту Канте не е 100-отстотно подготвен, а голманот Кепа Аризабалага се пресели на клупата за резерви, станува јасно дека шансите за „сините“ да го поминат германскиот шампион се само теоретски.
Од друга страна, Баерн влегува полн со оптимизам во мечот затоа што ја освои двојната круна во Германија и сега атакува кон „пехарот со големите уши“.
Победникот од овој дуел, кој се игра вечерва во 21 часот, во четвртфиналето ќе се судри со подобриот од дуелот Барселона – Наполи.