Продолжуваат откажувањата на тенисерите за турнирот на „Флешинг Медоуз“, САД опен. Швајцарскиот тенисер, Стен Вавринка е последниот во низата големи тениски имиња што го откажа својот настап на Отвореното тениско првенство на САД во Њујорк кое треба да започне на последниот ден од месецов.
Вавринка за швајцарските медиуми изјави дека е загрижен за здравствената ситуација и ширењето на коронавирусот.
Наместо да оди во САД, тој решил во втората половина на август да настапи на Челинџ турнири низ Европа и така да се подготви за неговиот омилен турнир, Ролан Гарос.
„Гледам изразено чувствителна здравствена ситуација во Њујорк. Не сакам да патувам во САД под тие услови“ изјави 35-годишниот тенисер.
Турнирот во САД ќе се игра пред празни трибини.
На него нема да настапуваат Рафаел Надал (откажување) и Роџер Федерер (повреда), а се уште се чека одлуката на Новак Ѓоковиќ.
Во женска конкуренција настапот го откажаа Свитолина, Бертенс и првата светска тенисерка, Ешли Барти.