Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп признава дека не можел да ги контролира солзите кога „црвените“ во јуни, конечно по 30 години, станаа англиски шампиони.
Ливерпул беа потврдени за шампиони на седум кола пред крајот, кога Челси со 2:1 ги победи Манчестер сити, и Клоп открива дека имал видео-повик со неговото семејство моменти пред крајот на тој меч за тие да ја гледаат неговата реакција. Солзите не престанувале да течат кога 53-годишниот Клоп се јавил на својата сопруга Ула.
„Не знаете како ќе се чувствувате пред тоа да се случи. Чиста радост. Пад на товарот во следниот момент и потоа почнав да плачам. И затоа и се јавив на Ула. Го повикав семејството на 10 секунди пред крајот на мечот за да гледаме заедно. Им кажав: ’Океј, ве сакам сите’ и почнав да плачам. Не знам што се случи. Никогаш не сум бил во ситуација да не можам да ги заддржам солзите“, вели Клоп.
Тој верува дека солзите биле поради огромниот притисок кој го чувствувал, но открива дека не сакал неговите фудбалери да го видат во таква состојба.
„Не знам зошто, но отидов во мојата соба неколку минути бидејќи не сакав да се покажат емоциите. Потоа сфатив дека постоел притисок, кој не го чувствував кога бев во ситуацијата, туку подоцна. Многу чуден и посебен момент во мојот живот“, додава Клоп.