Top Sport

Папу Гомез: Аталанта ми го смени животот

Капитенот на Аталанта, Алехандро „Папу“ Гомез вели дека клубот од Бергамо му го сменил животот и дека неговиот животен пат би бил поинаков ако го сретнел тренерот Џанпјеро Гасперини порано во кариерата.

Аталанта се подготвуваат за големиот предизвик, дуелот со Пари Сен-Жермен во четврт-финалето на Лигата на шампионите оваа недела и Гомез е благодарен за добиената шанса да игра како „треквартиста“, фудбалер од средниот ред кој е задолжен за нападот.

„Одлично е да се игра на таа позиција. Морам да играм одбрана, да се вратам по топката и потоа да се свртам и да одам во напад. Уживам бидејќи сум блиску до топката. Можеме да играме 3-5-2 ако сум во средина или 3-4-1-2 ако сум поблиску до наподот. Кога се сретнав со Гасперини, играв на левата страна и му благодарам што ме смени. Да го сретнев кога имав 24 или 25 години ќе бев поинаков фудбалер, но имав 28 години“, вели Гомез.

32-годишниот ветеран посочува дека Аталанта е клуб кој доаѓа од мал град во споредба со гигантите на италијанскиот фудбал.

„Клубот припаѓа на градот. Пред да дојдам, тие секогаш се бореа за опстанок и сите беа среќни и покрај тоа. Но, сега го кренавме нивото и се очекуваат европски купови. Аталанта ми го смени животот. Знаеме дека сме клуб од град со 100.000 луѓе, но и знаеме каде е нашиот пат“, додава Аргентинецот.

Scroll to Top