Top Sport

Ред бул: Рикјардо сам се стави на пазарот

Советникот на тимот на Ред бул, Хелмут Марко вели дека нивниот австралиски возач, Даниел Рикјардо сам се постави на „пазарот“ на возачи во 2019 година бидејќи уште не потпишува договор со тимот.

Ред бул во петокот објави дека Макс Ферстапен потпиша нов договор со кој ќе остане со тимот до 2020 година, меѓутоа Рикјардо, кој е поврзуван со трансфер во Мерцедес или Ферари, остана тивок, посочувајќи дека „уште е рано“ да се размислува за иднината, бидејќи има договор со тимот и за 2018. Марко вели дека тоа е јасен сигнал.

„Ние почнавме со Макс во Ф1, со нас првпат победи и сега сакаме со него да освоиме титула. Двајцата возачи, Макс и Рикјардо можеа да бидат слободни по 2018 и моравме да обезбедиме барем еден од нив. Рикјардо се поставува на пазарот, така што ќе продолжиме да разговараме“, вели Марко.

Италијанските медиуми постојано потенцираат дека Рикјардо, Австралиец со италијанско потекло, е на „радарот“ на Ферари подолго време, и дека тој би можел да дојде како колега на Себастијан Фетел во 2019 година, откако Кими Раиконен ќе замине во пензија.

Scroll to Top