РБ Лајпциг, клубот за кој многу германски фанови сметаа дека е „вештачки“, ја покажа својата сила и првпат во историјата се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите со драматична 2:1 победа над Атлетико Мадрид, уривајќи уште еден сон на тимот на Диего Симеоне дека дојде време за титула од ЛШ.
По помалку „успореното“ прво полувреме, мечот се смени во 51. минута, кога младиот Шпанец Дани Олмо со совршен удар со главата го донесе Лајпциг до водство, но „јорганџиите“ успеаја да израмнат во 71. минута со гол од пенал на Жоао Феликс.
Кога се очекуваше со овој резултат да се завршат 90-те минути и да се прејде на „борба на изддржливост“ во продолжението, американскиот репрезентативец Тајлер Адамс, со удар од далечина и со помош на одбраната на Атлетико ја смести топката зад грбот на Јан Облак. Ова е прв гол во дресот на Лајпциг на 21-годишниот Американец.
Награда за најголемиот успех во клупската историја е дуел со еден од фаворитите за титулата, Пари Сен-Жермен, кој вчера со идентични 2:1 на уште подраматичен начин ја победи Аталанта. Утре следува пресметката Баерн Минхен-Барселона, додека во сабота играат Манчестер сити и Лион.