УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов, првпат во кариерата призна дека е подготвен да прифати римеч со лутиот ривал Конор Мекгрегор, фалејќи го Ирецот во споредба со неговиот следен противник Џастин Гетџи.
Хабиб го совлада Конор по четири рунди на УФЦ 252 пред две години во меч одбележан со хаосот и општата тепачка која се случи по крајот на мечот. Двајцата оттогаш ривалството го префрлија на социјалните мрежи, а Хабиб постојано тврдеше дека Ирецот мора да го заработи римечот.
Сега, на прес-конференција во Москва, Хабиб признава дека втор дуел со Мекгрегор е веројатен, а можеби и неизбежен.
„Пред мечот со Едсон Барбоса, тие велеа дека тој ми е најнезгодниот ривал, а потоа го кажаа истото за Конор, и за Поарие. Сфаќам дека мора да се каже нешто. Џастин Гетџи е многу добар фајтер и да не беше така немаше да се бори за титула. Дали е подобар од Конор? Мислам дека не. Мојата фајтерска интелигенција ми вели дека Конор е многу подобар“, вели Нурмагомедов.
Запрашан дали по дуелот со Гетџи во октомври е можен реванш со Мекгрегор, тој вели дека има еден услов.
„Нека се врати во кафезот и нека го победи Дастин Поарие и потоа ќе се борам со него, нема да има проблем“, вели Нурмагомедов.