НБА доигрувањата започнаа со победи на фаворитите.
Бранителот на титулата во НБА лигата, Торонто Репторс во првиот меч од плеј-офот на Истокот го совлада Бруклин Нетс со 134-110, додека Бостон Сектикс стигнаа до победа против Филаделфија со резултат 109-101.
Репторси немаа поголеми проблеми против десеткуваниот противник, но борбените Нетси во третиот период огромниот заостаток од -33 поени го донесоа само на -8. Сепак Канаѓаните рутинирано стигнаа до триумф, притоа погодувајќи 22 тројки што е клупски рекорд во плеј-офот.
Фред Ван Влит погоди 8 тројки од 10 обиди и со 30 поени (имаше и 11 асистенции) ги предводеше Репторси до триумфот.
Бостон Селтикс не импресионираа на стартот на доигрувањето, но сепак успеаја да поведат со 1-0 во серијата против „76-ките“.
Џејсон Татум со 32 поени и 13 скока и Џејлен Браун со 28 поени беа најдобри кај „детелинките“. Кај Филаделфија се истакна Џоел Ембид со 26 поени и 16 скока.
Во Западната конференција Денвер ја победи Јута по продолженија, 135-125, додека ЛА Клиперс славеа против Далас Маверикс триумф со 118-110.
Словенецот Лука Дончиќ беше најефикасен кај „телињата“ со 42 поени, со што стана најефикасниот дебитант во историјата на НБА плеј-офот.
Инаку, Клиперси до победата ги предводеше двоецот Каваи Ленард и Пол Џорџ со 29, односно 27 поени.