Top Sport

Џон Џонс се откажа од титулата, ќе брка појас во тешка категорија

Џон Џонс, човекот кој најдолго време го имаше појасот во средно-тешка категорија во УФЦ, објави дека се откажува од титулата и дека е отворен за мечеви во тешка категорија, каде што има еден куп ривали за појасот.

33-годишниот „Боунс“ Џонс е сметан за вистинска легенда на спортот и еден од најдобрите во историјата, бидејќи ниту еднаш немал „легитимен“ пораз во октагонот. Негов последен меч беше против Доминик Рејес на почетокот на 2020, по што се обиде да склопи договор со Френсис Нгану за супер-дуел во тешка категорија, но беше разочаран од парите кои ги нудеа УФЦ.

„Само што се слушнав со луѓето од УФЦ, и потврдувам дека ја напштам титулата во средно-тешка категорија. Патот беше фантастичен, и им благодарам на сите. Имав позитивен разговор со УФЦ и сега ќе има преговор за мојот следен меч во тешка категорија. Почнува ставањето килограми“, напиша Џонс на Твитер.

Џонс ја освои титулата во 2011 година, кога го совлада Маурисио „Шогун“ Руа и стана најмладиот шампион во УФЦ историјата. Тој ја одбрани титулата осум пати, пред да му биде одземена откако беше вклучен во сообраќајна несреќа. Во 2018 година, тој го врати појасот со победа над Александер Густафсон.

Во тешка категорија, до појасот нема да се дојде лесно. Стипе Миочиќ, кој викендов го победи во третиот меч Кормиер, сега најверојатно ќе влезе во кафезот токму со Нгану.

Scroll to Top