Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ неодамна беше на мета на западните медиуми по неговите контроверзни изјави околу вакцинирањето и „алтернативните“ методи на лечење, но сега тврди дека во ниту еден момент не кажал дека е против вакцинирање.
По пандемијата на корона вирусот, српскиот тенисер изјави дека не би сакал да поставува нешто непроверено во неговото тело, и посочи дека доколку биде приморан да земе вакцина за да настапува на турнирите, ќе го одбие тоа. Сега, тој, ја објаснува својата изјава за „Њујорк тајмс“.
„Дел од медиумите мојата изјава ја извадија од контекст, и напишаа дека јас сум целосно против било каква вакцинација. Мојот проблем со вакцината беше ако некој на сила ме тера да уфрлам нешто во моето тело. Тоа не го сакам и е неприфатливо. Не сум против вакцинацијата, бидејќи кој сум јас да зборувам за тоа кога постојат стручни луѓе, медицински работници кои спасуваат животи низ целиот свет? Сигурен сум дека постојат вакцини со мали нуспојави кои помогнале да се спречат инфекции низ светот“, вели Ѓоковиќ.
Тој исто признава дека се направиле грешки при организацијата на „Адрија турнејата“, каде што тој, Григор Димитров, Борна Чориќ, Виктор Троицки и Горан Иванишевиќ се заразија со корона вирусот.
„Не требаше да одиме во ноќни клубови, тоа го признавам. Тоа го организираа спонзорите и ги повикаа играчите, а ние се чувствувавме среќно во тој момент. Кога некој од Австралија или Америка го погледне тоа што се случуваше си помислува: ’Дали овие се луди?’. Тоа го разбирам. Жал ми е за луѓето кои се заразиле со корона вирусот, но не се чувствувам виновен. Тоа беше лов на вештерки. Како можам јас да сум виновен за сè?“, додава Србинот.