Унгарскиот тим Ѓер има големи амбиции во европскиот ракомет, потврдувајќи го со потписот на голманката на Вардар, Французинката Амандин Лејно.
Лејно, како и повеќето ракометарки на европскиот вице-шампион ЖРК Вардар заминуваат на крајот на сезоната, и таа има нов едногодишен договор со амбициозниот унгарски клуб со опција за продолжување на уште една година. Ѓер ќе биде трет странски клуб за Лејно по романската Валчеа и Вардар.
„Ѓер значи многу во европскиот ракомет, бидејќи е најдобриот клуб во историјата. Секој би посакал такви соиграчи. Имам голема шанса да се покажам во Ѓер“, вели Лејно за официјалниот веб-сајт на Ѓер.
Покрај Лејно, Ѓер потврди дека во клубот доаѓаат и Норвежанките Кари Братсет и Вероника Кристијансен, додека своите договори ги продолжија Зузана Томори, Сидонија Пухалак и голманката на унгарската репрезентација, Ева Киш. Од тимот на крајот на сезоната заминува поранешната „вардарка“, Ања Алтхаус.