Top Sport

Тежок пораз на Тим, Мареј го победи Зверев

Српскиот тенисер Филип Крајиновиќ го направи најголемото изненадување во второто коло на Синсинати мастерсот. Второто коло не успеа да го мине Григор Димитров, додека Енди Мареј во дербито го елиминираше Александар Зверев.

Филип Крајиновиќ го декласираше вториот носител на турнирот Доминик Тим. Српскиот тенисер за само 63 минути игра забележа победа 6:2, 6:1. Ова беше прва победа во кариерата на Крајиновиќ над играч од Топ 10.

Енди Мареј кој поради серијата на повреди падна на 134 место на АТП листата и на турнирот дојде на покана на организаторот, по голема борба успеа да го совлада петтиот носител Александар Зверев.

Британецот славеше во три сета (6:3, 3:6, 7:5). Во решавачкиот сет Зверев имаше предност 5:4 и сервис, Мареј направи брејк, а потоа освои уште два гема кои го однесоа во третото коло.

Мареј во третото коло ќе игра против Милош Раониќ кој во два сета го победи Даниел Еванс.

Турнирот заврши и за 14 носител Григор Димитров. Бугаринот испадна од Мартон Фучович. Унгарецот победи во три сета (7:5, 4:6, 6:2) и избори дуел со Филип Крајиновиќ.

Scroll to Top