Во канцелариите на Барселона нема време ниту да се здивне! Откако вчера фудбалскиот свет беше шокиран што Лео Меси преку факс пратил барање за раскин на договорот, денеска тие добија уште еден факс со барање од претходниот тренер Кике Сетиен, барајќи ги документите за неговиот отказ.
Според радиото „Кадена СЕР“, клубот потврдил дека добил факс од Сетиен и дека ќе ги подготви потребните документи во „пристојно време и на пристоен начин“. Во основа, се работи за формалност, бидејќи Сетиен веќе се договорил за условите при отказот на 17 август, три дена по срамотниот 8:2 пораз од Баерн. Со документите, Сетиен ќе може да се пријави за да стане тренер во друг клуб.
Иако е необично што комуникацијата се одвива со застарена технологија на факсови, има добра причина за тоа – шпанските го нарекуваат документот „бирофакс“, кој претставува официјален документ, нешто слично на документ заверен на нотар. Ваков документ подоцна може да се користи на било кој шпански суд како доказ.