Иако првично се повлече од турнирот велејќи дека не може да игра додека трае „геноцидот над црните луѓе“ од страна на полицијата во САД, јапонската тениска суперѕвезда Наоми Осака сепак ќе го игра полуфиналето на Синсинати опен, турнирот кој оваа година се игра на терените во Њујорк.
Шампионката од САД опен во 2018 требаше да игра против Елизе Мертенс денеска, но се приклучи на бојкотите на НБА, МЛС и МЛБ лигата по застрелувањето на Џејкоб Блејк во Кеноша, Висконсин.
Турнирот по нејзиното повлекување, реши да ги презакаже сите мечеви за во петок, по што таа се согласи да игра.
„Како што знаете, се повлеков од турнирот во знак на поддршка на борбата против расната неправедност и полициското насилство. Подготвена сум да се предадам од мечот, но по консултацијата со ВТА и Американската тениска федерација, се согласив да играм во петок“, вели Јапонката.