Верзијата која ја даде капитенот Хери Мегвајр околу апсењето на Миконос е оценета како „смешна“ од адвокатот на грчкото обвинителство, Јоанис Парадисис кој посочува дека Мегвајр не се однесувал како чесен човек.
27-годишниот Англичанец во своето прво интервју по инцидентот за „Би-би-си“ тврдеше дека се плашел за својот живот и сметал дека тој и неговите пријатели биле киднапирани, признавајќи дека сакал да избега кога бил „нападнат“ од полицаец. Парадисис за „Дејли мејл“ ги демантира сите негови тврдења.
„Тоа е навистина смешно и навредливо за полицајците и за грчкиот правосуден систем. Мегвајр тврди дека се плашел дека го киднапираат и наместо тоа бега и го повикува својот агент, а ги остава зад себе свршеницата, браќата и сестрата и пријателите од детството. Тоа не го покажува како чесен човек. Да бев на местото на неговата свршеница, ќе му бев лут и ќе барав објаснување“, објаснува Парадисис.
Околу тврдењето дека тепачката почнала како резултат на двајца Албанци кои инјектирале дрога на неговата сестра, Парадисис вели дека е најсмешно.
„Како Мегвајр и неговата група знаеја дека тие се Албанци? Дали капитенот на Манчестер јунајтед и неговото друштво се експерти за албанска култура? Дали зборуваат албански? Зошто на ’Би-би-си’ не го прашаа за ова?“, додава Парадисис.