Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис тврди дека Манчестер сити одбиваат да преговараат за трансферот на сенегалскиот дефанзивец Калиду Кулибали бидејќи уште паметат како не го добиле Жоргињо во 2018 година.
Сити се поврзуваат со Кулибали неколку месеци, и наводно била одбиена нивната понуда од 65 милиони евра за Сенегалецот, но Де Лаурентис вели дека тие уште жалат за преговорите во 2018 година за Жоргињо.
„Како би можеле да имаме нормални и мирни преговори со Манчестер сити за да го продадеме Кулибали? Тие одбиваат да зборуваат со нас поради договорот со Жоргињо од пред две години“, вели Де Лаурентис за „Канале 21“.
Летото 2018, Сити беа пред потпис со Италијанецот со бразилско потекло, пред Наполи да се откажат и да го продадат на англиските ривали на Сити, Челси, каде што тогаш тренер беше Маурицио Сари.