Италијанскиот спортски весник „Ла газета дело спорт“ тврди дека словенечкиот репрезентативец Јосип Иличиќ ќе се врати на тренинзи утре со Аталанта по шест недели поминати во Словенија поради личните проблеми кои ги имаше по пандемијата на корона вирусот.
Фудбалерот од средниот ред и еден од најдобрите во составот од Бергамо, ја пропушти цела сезона по рестартот на Серија А, како и настапите во Лигата на шампионите. Тренерот Џанпјеро Гасперини оваа недела изјави дека тој „моментално не е дел од составот“ и дека не знае кога тој ќе се врати.
Последен меч на Иличиќ беше 2:2 ремито со Јувентус на 11 јули, по што првично се тврдеше дека има проблеми со мускулот на ногата, но тој веднаш се врати во Словенија со своето семејство додека во италијанските медиуми имаше низа шпекулации – од тоа дека тој е во депресија поради корона вирусот, до наводно неверство од неговата сопруга. Аталанта, сепак, се однесуваше џентлменски и некоментираше ништо околу неговата состојба, давајќи му простор да ги надмине проблемите.