Асот на Ред бул, Макс Ферстапен вели дека не се радува што неговиот болид оваа година ќе го има „многу грдиот“ систем за заштита на главата познат по името „halo“ (ореол).
Ред бул ќе го претстави новиот болид РБ14 во понеделник, со задолжителниот „ореол“ кој веќе го видовме на првиот презентиран болид, тој на американскиот тим Хас Ф1.
„’Ореолот’, тоа ќе биде многу, многу грдо. Воопшто не се радувам. Болидот изгледа одлично, и се надевам дека ќе бидеме брзи и ќе направиме голем чекор напред. За разлика од лани, сега целта е да бидеме меѓу најдобрите од почеток и да не ‘бркаме’ никого. Тоа е најважно“, вели Ферстапен.
Додатокот на „ореолот“ за оваа сезона значи дополнителна тежина на болидите, и се верува дека неколку од тимовите ќе се мачат да ја постигнат минималната тежина од 734 килограми која е дозволена.
Ова може да биде дополнителен минус за потешките возачи како Ферстапен.
„Бидејќи системот е доста тежок, ќе има над шест килограми, немам голема предност. Но, нема да го менувам мојот тренинг-режим, бидејќи нема да се чувствувам добро за трките. Тоа што сум висок и потежок од другите секогаш е проблем“, вели Ферстапен.