Top Sport

Ферари со темно црвен болид за својата 1.000-та трка во Муџело

Ферари ги обоија своите болиди во темно црвена боја за неделната трка во Муџело, која ќе се вози како Тоскана ГП и која ќе претставува јубилејна 1.000-та трка за славниот Ф1 тим.

Тимот објасни дека потемната боја е „верна репродукција“ на бојата со која бил обоен Ферари 125 Ф1 кој се тркаше на Монако ГП трката во 1950 година. Остатокот од болидот останува ист досега, освен стилот на бројките на болидот кој изгледа како рачно обоен, а покрај тоа има и лепенка со 1.000 на моторот.

Прославата на јубилејот ќе започне во ближната Фиренца во сабота навечер, и со возење на болидот на Михаел Шумахер Ф2004 во недела, кога зад воланот ќе биде неговиот син Мик Шумахер. Ферари се сопственици на патеката во Муџело и веќе се договорија да присуствуваат 2.880 фанови на трибините, што ќе биде прва „отворена“ трка оваа сезона.

Јубилејната трка доаѓа во незгодно време за италијанскиот тим, кој има големи проблеми со болидот и во последните неколку трки не е ниту во борба за пласман на подиумот.

Scroll to Top