Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп посочи дека единството на неговиот тим ќе биде главен фактор во одбраната на титулата од Премиер лигата бидејќи не можат да ги следат Челси и Манчестер сити по финансиската моќ на купувања на засилувања.
Откако чекаа 30 години за титулата, Ливерпул имаа „тивок“ преоден рок, и едниствено засилување беше левиот бек Костас Цимакас од Олимпијакос за 11.75 милиони фунти. Од друга страна Сити го добија дефанзивецот Нејтан Аке од Бурнемаут (40 милиони фунти) и крилото Феран Торес од Валенсија (20.75 милиони фунти). Челси, пак, беа најактивни – пристигнаа Хаким Зијеш (37 милиони фунти), Бен Чилвел (50 милиони фунти), Тимо Вернер (53 милиони фунти), Каи Хаверц (89 милиони фунти), а на слободен трансфер ги добија и Тијаго Силва и Маланг Сар.
Клоп вели дека засилувањата не гарантираат успех.
„Живееме во свет со многу несигурности. За некои клубови е помалку важно колку е несигурна иднината. Во сопственост на земји и олигарси, тоа е вистината. Ние сме поинаков клуб. Стигнавме до финалето на Лигата на шампионите пред две години, лани ја освоивме и станавме шампиони од Премиер лигата со тоа каков клуб сме и со водење на таков начин. Не можеме да се смениме веднаш и да кажеме сега ќе се однесуваме како Челси. Тие имаат многу нови фудбалери, тоа може да е предност, но не мора да значи. Не можете да ги донесете најдобрите 11 на светот и недела подоцна да го играат најдобриот фудбал на светот“, вели Клоп.