Седиштето на Мекларен во Вокинг, едно од најголемите технички достигнувања на славниот британски тим е на продажба за 200 милиони фунти, пари со кои тимот се обидува да излезе од финансиската криза.
„Потенцијалната продажба или изнајмување на нашето седиште е дел од нашата програма за рефинансирање која ја објавивме оваа година. Со планот, Мекларен групацијата ќе има оддржлива платформа за долгорочен раст и инвестиции“, објави портпаролот на тимот.
Минатиот месец, компанијата потврди дека е во загуба 184 милиони фунти во првите шест месеци во 2020 година поради корона вирусот – намалените приходи од Формула 1 шампионатот, како и намалената продажба на нивните супер-автомобили.
Официјално „Мекларен технолоџи центар“ е изграден во 2004 година и се состои од две згради – оригиналната зграда, која е седиште на групацијата и новата фабрика, изградена во 2011 година. Таму работат околу 1.000 вработени.