Марсело Биелса пред првиот меч на Лидс јунајтед во Премиерлигата по пауза од 16 години потврди дека останува во славниот клуб и покрај тоа што договорот му беше завршен.
65-годишниот Аргентинец беше креатор на успешното враќање на Лидс во елитата со освојувањето на титулата во Чемпионшип минатата сезона, но неговиот договор заврши по крајот на сезоната и Лидс не успеаја да го продолжат договорот, барем засега. На само два дена од мечот со Ливерпул во првото коло во Премиер лигата, Биелса вели дека не оди никаде.
„Ќе работам со Лидс јунајтед и следната сезона. Работите се средени и дефинитивно останувам, иако како во секои преговори ништо не е сигурно додека не се стави потпис. Зошто има застој? Не е многу важно. Работам со тимот 100 отсто откако влеговме во Премиер лигата. Клубот, фановите, заслужуваат да играме во елитата“, вели Биелса.
Лидс има најтежок можен предизвик со гостувањето на „Енфилд“, каде што актуелните шампиони од Премиер лигата се непоразени од април 2017. Биелса го пофали Јирген Клоп за успесите со „црвените“.
„Работата која Клоп ја заврши во секој клуб каде што беше покажа каков тренер е. Тоа е пофалба која ја заслужува. Ливерпул се праведни шампиони со конзистентна игра. Без сомнеж еден од најдобрите тимови на светот во моментов“, додава Биелса.