Следните избори во Барселона ќе бидат оддржани на 20 и 21 март 2021 година, потврди каталонскиот клуб, кога ќе се избере замена за актуелниот претседател, Жосеп Марија Бартомеу. кој стана доста непопуларна личност во Каталонија поради стратегијата за засилувања и конфликтот со Лионел Меси.
Иднината на Бартомеу може да биде одлучена и пред изборите, откако петицијата за гласање за недоверба собра 7.500 потписи од членовите на Барса, а потребни се 16.250 од 140.000 членови за да има гласање на недоверба на 14 септември. Меѓу потпишаните во петицијата се кандидатите за претседател Виктор Фонт, Жоан Лапорта и Жорди Фаре.
Во краткото соопштение, Барса потврди дека ќе се гласа на повеќе места поради мерките за социјално дистанцирање поради корона вирусот, а ќе бидат дозволени и гласови преку пошта. Следното собрание на клубот ќе се оддржи на 25 октомври, истиот ден кога се игра првото „Ел класико“ со Реал Мадрид на „Ноу Камп“.
Клубот исто така ја објави првата проценка на финансиското влијание од фудбалот без гледачи, со проценка на 30 отсто помалку приход во споредба со 2019, кога имаа рекорден приход од 1 милијарда евра. Сега, се очекува Барса да загуби 315 милиони евра во 2020/21 поради корона вирусот.