Првпат од 2010 година, Лос Анџелес лејкерс се пласираа во финалето на Западната конференција, откако со 4:1 ги исфрлија Хјустон рокитс по убедливата саботна 119:96 победа.
Овојпат, Лејкерси не сакаа да има никаков сомнеж кој ќе победи, откако по првата четвртина имаа 35:20 предност, а на почетокот на последната четвртина имаа дури 30 поени предност (101:71). Леброн Џејмс беше најдобар за Лејкерси со 29 поени, 11 скока и 7 асистенции, Кајл Кузма додаде 17 поени, додека кај Рокитс најдобар беше Џејмс Харден со 30 поени.
Ова е прв пласман во финале на Западот за Џејмс, кој вели дека знае што значи оваа победа.
„Сфаќам дека верните навивачи мислеа дека и тука ќе потфрлиме, посебно бидејќи последната деценија беше без плејоф или без дуел за титули. Јас сум среќен што сум мал дел од овој тим и што можам да помогнам да одиме напред“, изјави Џејмс.
За место во големото финале, Лејкерси ќе се борат со подобриот од дуелот меѓу Лос Анџелес клиперс и Денвер нагетс, дуел во кој Клиперс имаат 3.2 предност пред вечерниот меч.