Претставниците на Конор Мекгрегор луто демантираа дека ирската УФЦ мегаѕвезда бил уапсен и обвинет за сексуален напад при летувањето во Франција.
Во саботата, „Агенс Франс прес“ (АФП) објави дека во четвртокот Мекгрегор бил пријавен во полицијата во Корзика за наводен сексуален напад и егзибиционизам, и според нивните вести од обвинителите, Мекгрегор бил уапсен и пуштен на слобода во саботата.
Неговиот агент, Оди Атар веднаш го демантираше ова.
„Конор Мекгрегор ги демантира сите обвинувања. Тој не беше уапсен, туку повикан на разговор и пуштен. Гласно и јасно, Конор Мекгрегор нема да биде мета за тие кои сакаат да бидат на насловните страници или лесно да заработат“, вели Атар.
Наводниот инцидент се случил во бар во градчето Калви на Корзика, а дека Мекгрегор беше во регионот се дозна откако тој објави на својот Инстаграм профил дека е предмет на анти-допинг тест на неговата јахта.
32-годишниот Мекгрегор, кој наводно е пензиониран од УФЦ, во последните две години имаше доста проблеми со законот. Во 2018 година беше уапсен во Њујорк за нападот на автобусот во кој беше неговиот ривал Хабиб Нурмагомедов, а минатата година беше обвинет во Ирска откако удри постар човек во еден паб во Даблин откако тој не сакал да проба од неговото виски.