Луис Хамилтон стигна до својата 90-та победа во кариерата, доближувајќи се на само една од рекордот на Михаел Шумахер, на маратонската трка во Муџело, каде што овој викенд се возеше првата трка од Големата награда на Тоскана, одбележана со спектакуларни судири, два рестарти и само 12 болиди на целта.
Хамилтон го доби вториот рестарт во финишот на трката, за да победи пред својот клупски колега Валтери Ботас, додека последното место на подиумот го освои толку критикуваниот Александер Албон во Ред бул рејсинг. Ова е првиот подиум во кариерата на Англичанецот со тајландско потекло Албон, со што се намалува притисокот по слабиот старт на сезоната.
Даниел Рикардо во Рено беше четврт пред Серхио Перез (Рејсинг поинт), Лендо Норис (Мекларен), Данил Квјат (Алфа Таури), Кими Раиконен (Алфа Ромео) и двата болиди на Ферари во нивниот јубилеен 1.000 Формула 1 старт, Шарл Леклер и Себастијан Фетел во уште една разочарувачка трка за нив. Раиконен доби казна од 5 секунди, по што Леклер скокна на осмото место, Раиконен падна на 9. место.
Хаосот започна уште во првиот круг, кога од патеката излетаа Макс Ферстапен и Пјер Гасли, а на патеката излезе и безбедносното возило. При влегувањето во боксот на возилото, се случи уште поголем хаос, кога четири болиди во средината имаа опасен судир, и трката беше стопирана. По рестартот, Ботас успеа да го преземе првото место од Хамилтон. Во финишот на трката, на болидот на третопласираниот Ленс Строл во Рејсинг поинт му „пукна“ гума и по неговото излетување, повторно имаше рестарт, кој овојпат го доби Хамилтон и лесно стигна до победата.
Хаос и црвено знаме во Муџело! Екстремно опасен судир по рестартот!