ПСЖ го поддржаа Нејмар кој го обвини играчот на Марсеј Алваро Гонзалес, додека Марсеј предупредија дека нивниот фудбалер добива смртни закани.
Во неделата Марсеј го победија ПСЖ во Париз (0:1), а мечот го обележи тепачката во финишот. Судијата исклучи петмина фудбалери, меѓу кои беше и Нејмар. Бразилецот го удри Алваро Гонзалес, а по мечот го обвини противникот за расизам.
„Војната“ која ја започнаа на теренот Нејмар ја продолжи и на социјалните мрежи.
„Гонзалес не е расист, тоа го покажува со секојдневното однесување. Тоа ќе го потврдат и неговите соиграчи. Олимпик Марсеј е симбол на анти расизмот во францускиот спорт“, соопштија од клубот.
Од Марсеј предупредија и на „сериозните последици“ бидејќи некој во бразилските медиуми ги објавил приватните телефонски броеви кои ги имаат Гонзалес, неговата сопруга и роднини. Поради тоа како што тврдат од Марсеј тој започнал да добива смртни закани.