Поранешниот холандски репрезентативец, Вим Кифт, вели дека дефанзивецот на Ливерпул, Виргил ван Дајк стана арогантен по успехот со англискиот клуб и дека се однесува „ноншалантно и мрзеливо“ барајќи од него да остане „приземјен“.
29-годишниот централен дефанзивец по преелбата во Ливерпул постојано добиваше пофалби за својата стабилност и лидерство, но ова е втора критика на почетокот на новата сезона, откако Џејми Карагер претходно го нарече „арогантен“ по грешките при 4:3 победата над Лидс во првото коло од ПЛ.
Кифт, кој имаше 42 настапи за Холандија, и беше дел од славната репрезентација која го освои Европското првенство во 1988 не штедеше зборови.
„Тој не е остар, а се однесува исто и во холандската репрезентација и во Ливерпул, како да е ѕвезда, голем лидер кој не покажува многу почит кон соиграчите. Во исто време, станува мрзелив и ноншалантен, прави грешки и честопати бега од одговорноста. Со таков статус мора да биде напред и да дава пример. Му беше потребно долго време да се искачи на врвот и таму е две сезони, но мора да биде самокритичен. Малку тренерите треба да го стресат“, вели Кифт за „Де телеграф“.